fbpx

Прашања

Што е гингивектомија?

Тоа е хируршки зафат врз непцето, со кој се отстранува заболеното ткиво и се елиминираат условите во кои бактериите неповолно делуваат врз него. Обично се изведува откако ќе се изведат другите нехируршки методи, а пред да се достигне стадиум во кој ќе бидат заболени лигаментите кои ги прицврсуваат забите или самата вилична коска. Се изведува во еден или повеќе квадранти од устата, со употреба на локална анестезија. Во нашиот дентален центар овие интервенции ги изведуваме со помош на ласер, при што работата е побрза, пократка, безболна и во само една посета. Онаму каде има поголемо оштетување на потпорниот апарат на забите, ќе се наметне и потреба од посложени интервенции како меко-ткивно или коскено графтување / трансплантирање. За дополнителни информации околу можните процедури, обратете се во ЕТЕРНАдент на 02/3091-470 или поставете прашање на contact@eternadent.com.mk

Кога се препорачува детето за прв пат да посети стоматолог?

Од раѓањето па сė до 6-тиот месец новороденчето е беззабо. Од 6-тиот месец до навршувањето на втората година од животот, кај детето вообичаено никнуваат сите млечни заби. Овие временски рамки се флексибилни и зависат од многу фактори, но доколку кај детето до 1 год. не е никнато првото запче – посетете го стоматологот за да се утврди причината за неговото доцнење.

Првата вистинска посета на стоматолог пожелно е да се случи кога ќе никнат сите млечни заби. Тогаш ќе бидете обучени како да ја одржувате хигиената кај детето, а тоа стекнувапозитивна навика и пријателски однос со неговиот стоматолог. Тој однос е неоптоварен со траумите кои ги доживуваат оние деца кои за прв пат се сретнуваат
со својот доктор кога се во голема болка и не знаат што ги очекува во ординацијата. При својата прва посета на детето ќе му бидат покажани и
објаснети со детски јазик инструментите и деловите на машината и така целата ординација му се демистифицира. Кога ќе треба да се изврши некаква интервенција
тоа дете е веќе подготвено да соработува затоа што знае дека неговиот стоматолог работи за негово добро и е негов пријател.

Во детскиот период пожелно е да го посетувате стоматологот на 6 мес, при што:

- се врши контрола на денталниот плак,
- следење на растот и развојот лицевиот скелет и меки ткива,
- растот и развојот на забите,
- нивната поставеност во забниот низ,
- се утврдува потребата од ортодонстки апарати,
- се врши флуор превентивен третман
- кариес превентивно залевање на забите,
- се врши рана детекција и санација на кариес.

Особено е важно да се забележи никнувањето на првите шестогодишни катници и да се следат упатствата за нивна заштита од кариес. Затоа неизоставно на шест години направете една консултативна посета на стоматолог за тој да Ви даде насоки кои можат да имаат големо значење за изгледот на Вашето дете.

Долгорочниот, континуиран, позитивен однос кон стоматологот е една многу здрава и позитивна навика за што Вашето дете еден ден сигурно ќе Ви биде благодарно.

Кога никнуваат првите трајни заби кај децата?

Првите трајни заби никнуваат околу 6-тата година од животот и затоа се нарекуваат шестогодишни катници. Тие никнуваат во продолжение на низот од млечни заби и многу често остануваат незабележани. Затоа, во детската возраст редовните контроли се од особена важност. Младите трајни заби имаат длабоки бразди на џвакалните површини и заради тоа имаат тенденција да задржуваат поголема количина на забен плак. Кога на тоа ќе се надоврзе неумешното четкање на на детето и занемарувањето на бочните заби, ризикот од кариес станува многу голем. Од тие причини стоматлогот најверојатно ќе Ви препорача залевање на браздите со специјална биокомпатибилна маса на база на флуор. На тој начин истовремено се постигнува механичко пополнување на браздите (заробувачи на плак) како и импрегнација на емајлот со флуор (кој има антикариогено дејство).

Колку често треба да посетувам стоматолог доколку немам никакви потешкотии?

Дури и ако забите ги четкате два пати дневно, редовно употребувате забен конец и немате никакви потешкотии, пожелно е да го посетувате својот стоматолог два пати во годината. При тие посети се изведува темелно професионално чистење со ултразвучен апарат, полирање на забите и отстранување на забниот плак (кој е сериозна закана за кариес и воспаление на непцата), како и детален преглед на сите заби и меки ткива со што се овозможува детектирање на евентуалните патолошки процеси (пародонтопатија/ кариес, канцерогени процеси и сл.) во најрана фаза, кога оштетувањето на ткивото е минимално. Тоа овозможува безболна санција,
долгорочно зачувување на природните заби и минимизирање на трошоците за протетски надоместоци. Многу важен момент во овој контекст се пресметките на релевантни институции за заштедата на материјален трошок при редовни контроли со превентивни третмани во однос на трошоците за санација на изгубени заби и тој однос во корелација со квалитетот на живот со здрави и болни заби.

Посетата на стоматолог - иницирана од болка или кога процесот е видлив, најчесто се случува веќе во доцни стадиуми на развој на патолошкиот процес, кога шансите за зачувување на забот се многу помали. Тоа повлекува ран губток на природните заби, а со тоа и разгледување на опции за нивно надоместување.

Дури и во услови на современа стоматологија, вештачките заби сė уште не можат во целост да ги заменат природните, при што незанемарлив момент е и финансискиот трошок. Кога сето тоа ќе го споредиме со редовните релаксирани контроли со кои сите овие несакани последици се високо предвидливи, целта на препораката за посета два пати годишно станува јасна. Од естетски аспект, Вашите заби се преставување на Вас самите. Доколку Вашите заби се во лоша состојба, впечатокот за Вас кај другите, обично е дека Вие не се грижите за себеси. Тоа може штетно да се рефлектира на Вашата сегашна работа, на Вашите интервјуа за работа како и на приватните пријателства.

Грижете се за Вашите заби – тоа е многу поважно отколку што мислите!

Од што се јавува осетливоста на забите на студено и топло?

Доколку некогаш пиејќи кафе, јадејќи сладолед или едноставно четкајќи ги забите сте почувствувале секавична болка, можно е да страдате од многу честиот симптом “осетливи заби”. Некои од причините може да се: кариес, пукната пломба, абрадиран емајл, повлечена гингива и експониран забен корен.

А – забна коронка Д – емајл

Б – забен врат Е – дентин следи слика

Ц - забен корен Ф – забна пулпа

Коронките на здравите заби се покриени со еден слој на емајл, најцврстата супстанца во телото. Слој од таканаречен цемент ги покрива забните корени под линијата на гингивата („непцето″). Под емајлот и цементот се наоѓа слој на дентин низ кој поминувааат микроскопски каналчиња – тубули, кои го прават дентинот порозен. Кога од
различни причини дентинот го губи заштитниот слој од емајл или цемент, тубулите ги пренесуваат дрзабите до забната пулпа („нервот″) и предизвикуваат болни сензации.

Вашиот стоматолог најпрво ќе ја отстрани причината за болните сензации (санација на кариес, тертман на пародонтопатијата при повлекување на непцата, совети за правилна орална хигиена и сл....) Веројатно ќе Ви препорача и употреба на специјална медицинска паста која со повеќе апликации ќе доведе до намалување на осетливоста или соодветна четка и техника на четкање на забите. Исто така причина за осетливост може да биде и преголемо внесување на пијалоци богати со овошни киселини или кисело овошје (лимони, цитрони, киви), проблеми со варење на храната и подригнување итн.

Посетете го вашиот стоматолог за да се утврди вистинската причина за сензитивноста, и навремено да се санира...

Дали постои безболна стоматологија?

Статистичките истражувања покажале дека најголем број од луѓето кои имаат запуштени заби, всушност страдаат од страв од болка.

Едноставниот одговор на прашањето е: да, постои безболна стоматологија! Со откривањето на новокаин-от како локален анестетик, скоро сите интервенции се практично безболни. Од тогаш до денес, фармацевтската индустрија многу брзо се развива и постојат безброј безбедни техники за обезболување на местото на интервенција. Потпрете се на Вашиот стоматолог во ЕТЕРНАдент, тој ќе примени анестезија секогаш и само кога е потребно, за непријатноста на стоматолошките интервенции да се сведе на минимум.

Во продолжение можете да прочитате за тоа како да ја намалите нервозата (анксиозноста) која й претходи на посетата на стоматолог.

Справување со стравот од „забар”.

Постоеја времиња кога посетата на „забар” беше ситуација опасна по живот. Не само што ќе Ви беше истрижена косата, избричена брадата, забот изваден, туку можеше да бидете вмешани и во улична пукотница. Звучи возбудливо?! За жал вака сė уште се чувствуваат многу луѓе во врска со посетата на забар! Современите истржувања
покажуваат дека дури 50% од популацијата во САД не ја добиваат адекватната стоматолошка заштита, во најголем број случаи како резултат на стравот и чувството на несигурност на забарската столица. За разлика од Док Холидеј и Дивиот Запад, денешните стоматолози нема да Ви ја потстрижуваат косата. Тие се обучуваат и специјализираат во областа на забите и се „опремени” со модерни и софистицирани инструменти за безбедно и пријатно третирање на потребите на пациентите. Денеска пиштолот и виски-то на Док Холидеј  се заменети со најмодерна дентална технологија.  Значи што можете да сторите за пружањето на стоматолошката нега да го направиме полесно?

Според изучувачите на однесувањето на луѓето, стоматолошките посети можат да бидат помалку стресни доколку се придржувате до следниве упатства:

• Одбегнувајте кофеин најмалку 6 часа пред стоматолошката
посета. Тоа ќе ја намали Вашата анксиозност
• Внесувањето храна богата со протеини (како сирењето на пр.) еден час пред посетата може многу да придонесе во Вашето смирување.Храната богата со шеќери придонесува за поголемо вознемирување, додека протеинската храна има смирувачки ефект.
• Фокусирајте се на Вашето дишење. Дишете ритмички, длабоко и бавно. Обидете се да правите паузи меѓу секое вдишување и издишување. Луѓето кои поприрода се нервозни имаат тенденција да го задржуваат здивот, што го намалува концентрацијата на кислород и уште повеќе го зголемува нивото на паника.
• На крајот, договорете се со својот стоматолог за посебен знак кој ќе значи дека сакате да направите пауза во работата. Споделете со Вашиот доктор кои аспекти од посетата на забар Ви буди најголеми стравувања. Доколку тоа е звукот на машината – кажете го тоа. Едноставното кажување на стравот не секогаш води до отстранување на причината, но во голема мерка ја намалува анксиозноста. Во денешно време впрочем постојат високо усовршени машини, кои се скоро беззвучни. За некои од нас седнувањето на забарската столица и чувството на губиток на контролата на ситуацијата е нешто што најмногу нė вознемирува. Одберете го стоматологот кој ќе Ви дозволи да имате контрола врз столицата, кој ќе Ве едуцира до таа мерка да можете да го следите текот на Вашиот третман и пред кој слободно ќе можете да манифестирате страв и непријатност без да бидете засрамени. Зборувајте со Вашиот иден стоматолог и доколку се чувствувате слободно да му кажете за вашиот страв, најверојатно не би имале проблем да работите со него.

Кој е кандидат за дентални импланти?

Секој пациент кој е во добро општо здравје и има доволна количина на коскена маса во вилицата, а има недостаток на еден или повеќе заби. Сите контролирани хронични состојби како дијабетес тип 2, остеопороза, срцеви заболувања и сл, понекогаш можат да бидат кандидати за дентални импланти но во соработка со матичниот лекар кој ја води основната болест.

Колку се успешни имплантите како решение?

Клиничките студии покажуваат успех од над 98%. Во нашиот центар користиме едни од најдобрите 5 светски брендови на импланти: Ankylos на Friadent и MEGAGEN имплантните системи. Добрата орална хигиена и редовните превентивни професионални чистења во ЕТЕРНАдент можат да го осигураат успехот на имплантите.

Дали боли имплантирањето?

При имплантирањето се користи анестезија слично како при вадење заб, така што целата постапка е апсолутно безболна. Постоперативно, доколку е потребно се препишуваат аналгетици кои ќе ја олеснат болката. Исто така ладните облоги и другите упатства за после имплантирање ќе го сведат можното отекување на минимум и следниот ден сте подготвени за нормални секојдневни работни обврски. Најголем број пациенти изјавуваат со радост дека имплантирањето е многу поедноставна процедура отколку вадење заб!!!

Колку време трае постапка на имплантирање?

Целата постапка на имплантирање трае околу 30 минути до 1час. Но, имплантирањето е хируршка постапка која бара апсолутно стерилни услови за работа, така што заедно подготовката и процедурата траат до 2 часа. Најчесто после имплантирањето ќе добиете привремен надоместок, со кој ќе може да се служите додека дојде времето за трајно оптоварување на имплантот со дефинитивна реставарација.
Доколку ви недостасува некој заб, знајте дека не сте единствени и дека за тоа постои решение! Слободно јавете се на 02/ 3091 470 за бесплатна консултација уште денес!

Што треба да направам доколку моето дете падне и при тоа дојде до избивање на траен заб?

Најважно е да останете смирени. Држете го забот за коронката, а не за забниот корен и обидете се да го вратите назад во алвеолата (местото од каде е избиен истиот). Доколку е тоа невозможно, ставете го забот во чаша со млеко или поставете го под јазикот на вашето дете. Веднаш упатете се на стоматолог!

Колку е безбедно рентгенското зрачење кај стоматологот?

Постои минимален ризик од денталните рентгенски зраци. Денес стоматолозите се особено внимателни во ограничување на количеството на радијација на кои се изложуваат децата. Современите дигитални РТГ апарати, како оној што го користиме во ЕТЕРНАдент, обезбедува најмало можно зрачење кое се споредува со она од мобилните телефонски уреди. Во секој случај, ризикот од рентгенските зраци кај стоматологот е далеку помал од ризикот од недетектираните и нетретирани дентални проблеми.

Колку се чести заболувањата на непцата?

Многу чести. Седум од десет луѓе се очекува во некој период од животот да развијат заболување на непцата. Болеста е позната како пародонтална болест или пародонтопатија. Тоа е најчестото орално заболување кое може да прогредира речиси безболно се до појавата на реален проблем. Доколку не се третира, може наполно да го оштети потпорниот апарат на забите, па тие здрави да се расклатат и да почнат да паѓаат. Затоа е многу важно да се превенира заболувањето на непцата пред да стане сериозен проблем.
ЕТЕРНАдент е специјализиран центар за дентално здравје кој се занимава со најсовремен третман на пародонталната болест.

Би сакал мојот стоматолог да користи ласер наместо стандардните инструменти за стругање и бушење во забите. Дали е тоа можно?

Постојат нови и модерни начини за третман на забите и меките ткива во устата. Ласерите се прилично нови во стоматологијата. Се употребуваат при многу интервенции врз непцата, јазикот или слузницата на образите, како и во отстанување на кариесот кај забите или некој хируршки зафат врз вилиците. Придобивките од употребата на ласерите се многубројни: се делува врз бактериите, се работи прецизно и без болка, се скратува времето за работа, нема крварење, се олеснува пост-оперативниот период. Се очекува во следните години, ласерите се повеќе да ги заменат стандардните насадни инструменти.

Дали мојот проблем може да се реши со ласер?

Доколку вашиот проблем е расипан заб, непријатен мирис од устата, оток, афта или херпес, крварење од непцата, заглавен заб (заб кој не може спонтано да изникне) или едноставно не ви се допаѓа вашата насмевка, тогаш во решавање на вашиот проблем може да помогне ласерот!
Што е придобивката од работата со ласер?
Тој е модерна алатка која работи со светлина, при што се стерилизираат местата со инфекција, прецизно и безболно се отстранува кариесот од забите, се уништуваат вирусите и бактериите, се затвораат крвните садови со што се минимизира крварењето, се стимулираат меките ткива побрзо да заздрават, и речиси секогаш се скратува времето на работа! Па затоа вие ќе минете помало време на стоматолошкиот стол.
Во ЕТЕРНАдент, користиме најнова генерација дентални ласери, кои работат и во коска и во меки ткива, па затоа можеме да понудиме најширока палета на интервенции изведувани со ласер. Повелете кај нас, забрзано и безболно да го решиме вашиот проблем...

Како да препознаам орален карцином?

Оралниот карцином претставува тешко и животозагрозувачко заболување. Најчесто се открива доцна, бидејќи речиси секогаш започнува без некакви јасни и вознемирувачки знаци. Единствена гаранција за успех во третманот на оралниот карцином е раната дијагностика и секако превенцијата преку редовни прегледи кај стоматолог и едукација на пациентите.
ЕТЕРНАдент го поседува VELscope® системот за скрининг на слузницата во усната празнина, кој овозможува брзо, целосно неинвазивно, безболно и во само една посета во траење од 10 минути да се прегледа устата на пациентот. Не е потребен анестетик ниту некоја претходна подготовка на пациентот. Без употреба на дополнителни средства, само со примена на светлина, ќе ги нотираме евентуалните промени во устата.
Доколку забележите црвенило или бело пребојување на дел од слузницата во устата, раничка која долго време не заздравува, задебелување налик на грутка, болка во задните партии на устата или грлото, отежнато џвакање и/или голтање, потешкотии при движење на јазикот, трпнење на јазикот или други делови од устата, појава на оток кој не минува во две недели, веднаш обратете се на стоматолог! Доколку консумирате цигари и/или алкохол, можноста за појава на орален карцином е поголема.

Имам огромен страв од посета на стоматолог? Што да правам?

Ако се плашите оди на стоматолог, вие не сте единствени. Помеѓу 9% и 15% од Американците наведуваат дека избегнуваат да одат на стоматолог поради вознемиреност или страв. Прво нешто што треба да направите е да разговарате со вашиот стоматолог! Всушност, ако вашиот стоматолог не го зема сериозно вашиот страв, тогаш време е да најдете нов стоматолог. Клучот за справување со анксиозноста е да разговарате за вашите стравови со вашиот стоматолог. Откако тој ќе се запознае со вашите стравови и очекувања, ќе биде во можност подобро да работи со вас за да се утврдат најдобрите начини со кои ќе ве направи да сте помалку нервозни, а на стоматолошкиот стол да се чувствувате поудобно.
Добрата вест е дека денес постојат голем број стратегии кои може да се користат за намалување на стравот, вознемиреноста и болката. Овие стратегии вклучуваат употреба на медикаменти кои ќе ви помогнат да се релаксирате, локален анестетик за целосно обезболена регија за работа, употреба на ласери наместо традиционалните "дупчалки" за отстранување на кариесот, примена на различни техники (како што се водени слики, биофидбек, длабоко дишење, акупунктура, и други ментални терапии), а можеби дури и посети на специјализирана установа или група за поддршка.
Отворено прашајте го стоматологот за се што ве интересира!

Постојат многу пасти за заби... која да ја изберам?

Прво, при купување паста за заби за Вашето дете, изберете ја онаа која содржи флуор. Флуоридите кои ги содржат пастите за заби се докажани во борбата против кариесот. Сепак, бидете претпазливи: користете многу мала количина кај деца до 6 годишна возраст (со големина на зрно грашок). Тоа е затоа што малите деца ја голтаат пастата за заби, а проголтувањето премногу флуор може да доведе до промена на бојата кај трајните заби.
Исто така, мудро е да изберете производ одобрен од страна на американската дентална асоцијација (АДА). Знак за прифаќање од АДА, значи дека производот ги има исполнето критериумите на АДА за безбедност и ефикасност и дека пакувањето и сето она што е наведено во рекламата се научно поддржани.
Следно, кога се размислува за други својства на пастите за заби - како избелувачките пасти за заби, пастите кои помагаат во редукција на забниот камен и контрола на забниот плак, оние за нега на непцата, оние кои содржат средство за намалување на сензитивноста на забите, итн - најдобрите совети за избор меѓу овие производи можете да ги побарате од вашиот стоматолог, кому ќе ја доверите грижата за здравјето на вашата уста.
Конечно, вашиот личен избор стапува на сцена. Изберете паста за заби која има пријатен вкус за вас и со која се чувствува најдобро. Гел или паста, сите делуваат подеднакво. Доколку забележите дека одредени состојки се иритирачки за вашите заби, образите или усните, или ако вашите заби станале почувствителни, или ако вашата уста е иритирана по четкањето, обидете се со менување на пастата за заби. Ако проблемот продолжува, набрзо посетете го вашиот стоматолог.

Зошто да изберам стоматолог токму од ЕТЕРНАдент?

Сакаме да знаете дека нам во ЕТЕРНАдент изборот за Ваш стоматолог е еднакво важен и за нас!
Главни одлучувачки фактори кои треба да ги имате на ум се следните: 
- Обучени, лиценцирани и со вештини квалификувани стоматолози
- Достапност за Вашите потреби
- Единствен протокол за работа за секој пациент посебно
- СЕ одобрени материјали
- Високо-технолошка опрема и современи процедури
- Стандардизиран протокол за контрола на инфекција (Американска дентална асоцијација)
- Пријатна и релаксирана атмосфера при работа
- Прифатливи цени


ЕТЕРНАдент е сочинета од високо квалификуван стоматолошки кадар со највисоко ниво на едукација и тренинг стекнати во земјата и странство, и одржува високо ниво на професионализам во полето на денталната медицина. Во чекор со најновите процедури, технолошки достигнувања и развој, нашиот Центар за дентално здравје е фокусиран во осигурување дека пациентите го добиваат најдобриот можен третман. Следиме континуирана едукација, посетуваме работилници и семинари, а веќе сме препознатливи по работа како темелни, внимателни и посветени професионалци. 

Како дел од ЕТЕРНА групацијата, постои стоматолошкото здружение ЕТЕРНИТАС, кое организира теоретски и практични обуки, тренинг-курсеви за колегите стоматолози, презентирајќи ги најновите искуства стекнати ширум светот. 
Високо обуениот тим стоматолози и најсовремента стоматолошка технологија која ја поседува ЕТЕРНАдент ќе Ви обезбеди најсоодветен пакет услуги и супериорна удобност при секоја Ваша посета. 

Ние сме тука да ги слушнеме Вашите проблеми, идеи и желби. Закажете бесплатен преглед и откријте како ЕТЕРНАдент може да Ви ја даде насмевката која отсекогаш сте ја посакувале и да Ви обезбеди добро орално здравје кое ќе трае!

Прашајте доктор

[ninja_form id=1]

CONTACT

CALL / (03) 9147 3891
EMAIL / contact@curlydentalclinic.com
IN PERSON / 119 Street Southbank, VIC 1829

HOURS

Monday to Friday / 9.30am–5pm 
Saturday / 10.30am–5pm
Sunday / 1 hour before appointments

You can call our front desk at 1 820 34 6134 Mon – Fri 9am – 8pm, email us at support@curlythemes.com or fill the Contact Form

Chat With Us
Viber/WhatsApp
WhatsApp
Viber